Новости

Наспроти бројките - сегрегирана реалност

Диверзитетот и правичната застапеност можат да донесат многу предности во различните форми на организации. Во демократските општества кои целат кон интеграција, управувањето со различностите се смета за клуч за успешна институција или компанија. Државите кои имаат искуство со миграција и диверзитет, а го применуваат принципот на правична застапеност во нивните институции или организации, имаат поголем придонес од нивната работна сила.

Република Македонија, како мултиетничка држава, во фокусот ги става реформите во јавната администрација и јавните претпријатија кои се однесуваат на имплементација на принципите на правична застапеност на лица од немнозинските заедници и управување со различностите. Овие реформи имаат за цел да ја подобрат социјалната кохезија и да ја надминат ситуацијата настаната во државата по конфликтот во 2001 година. Иако јавната администрација можеби изгледа добро регулирана и „во добра форма“ однадвор, прашањето кое си го поставуваме себеси е: дали јавната администрација е навистина како што се претставува? Дали се службениците во јавната администрација се интегрирани или сегрегирани на своите работни места?

Во истражувањето „Живот и бројки: Соодветна и правична застапеност и интеграција на работното место“ се анализираше имплементацијата на принципот на правична застапеност и се направи проценка на управувањето со различностите во јавната администрација. Во рамките на истражувањето беше спроведена анкета на јавната администрација во Македонија, при што се добија податоци за клучните проблеми – спроведувањето на принципот на правична застапеност, интеграција на работното место и управување со различностите.

Правична застапеност

Принципот на правична застапеност го зголеми бројот на вработени од немнозинските заедници во јавната администрација. Но тоа не е доволно. Зголемениот број на вработени од немнозински заедници кој се јавува во јавната администрација на еден или друг начин, не претставува решение на проблемот. Дополнително, многу често принципот се перцепира како монополизиран процес кој се однесува само на Албанците, додека пак помалите етнички заедници се ставени во втор план. Оттука се идентификувани пречки за правилното спроведување на принципот на правична застапеност.

Во повеќето случаи, членството во политичка партија или политичка поврзаност е услов за вработување. Една од препораките е департизација на јавниот сектор, при што треба да се почитува мерит системот на вработување, кој ги вклучува нивото на образование, компетенции и потребниот профил за институцијата. Понатаму, помалите етнички заедници треба да бидат вклучени во имплементацијата на принципот на правична застапеност во целата администрација, вклучително и на менаџерските позиции.

Интеграција на работното место и управување со различности

Да претпоставиме дека бројот на вработени со кој се исполнува принципот на правична застапеност е постигнат. Вработените се на своите места и работат во иста работна околина. Дали самото присуството на вработени од различни позадини ја прави работната сила диверзифицирана и интегрирана? Не, не ја прави, бидејќи недостасуваат други елементи.

Интеграцијата и управувањето на различностите се однесува на соработката и меѓучовечките односи помеѓу колеги од различни припадности. Управувањето со различностите не треба да се фокусира само на етничката припадност, туку треба да ги вклучи и полот, возраста, сексуалната определба и попреченоста како карактеристики кои треба да бидат опфатени со цел постигнување на разновидна работна сила. Исто така, јазичните бариери треба да бидат надминати, а поттикнувањето на разновидните групи може и треба да биде постигнато преку организирање на редовни состаноци, „среќни часови“, дружење надвор од работното место, тренинзи за професионална надградба и слично.

Интеграцијата и управувањето со различностите се со цел подобра соработка и меѓусебни односи во работата помеѓу луѓе со различни припадности, со една цел – подобра иднина.

Еднаквост и недискриминација

Бидејќи јавната администрација има голем број на вработени, поради фактот што е најголемиот вработувач во земјата, не треба да нè зачудува присуството на нееднаквост и дискриминација помеѓу вработените. Забележан е недостаток на информации околу дискриминација и мобинг на работното место, што е загрижувачки, бидејќи вработените треба да имаат познавање за позитивна и негативна дискриминација. Овде од особено значење е справувањето со партиските влијанија. Потребни се и внатрешни механизми за справување со проблемите, во случаи кога вработените треба да го санкционираат несоодветното однесување на работа.

Студијата покажува дека Република Македонија се уште не е на вистинска насока во однос на реформите и интеграцијата во ЕУ во оваа област. Државата и партијата, иако треба да бидат два различни ентитети, сè уште функционираат како еден ентитет во многу голем број од случаите, што претставува голема закана за воспоставување на демократско и либерално општество.

  • Инфографик: Примена на принципот за правична застапеност [.pdf 1340KB]
  • Живот и бројки - Соодветна и правична застапеност и интеграција на работното место [.pdf 2745KB]