Новости

Стратегијата на ЕУ за Западниот Балкан: (Не)оправдана еуфорија?

Стратегијата на ЕУ за Западниот Балкан: (Не)оправдана еуфорија?

Клучни елементи

Стратегијата насловена како „Кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на ЕУ кон Западниот Балкан“, која денеска ја усвои Европската комисија, има три клучни точки: 1) испраќање на политичка порака дека проширувањето сè уште е на агендата на ЕУ; 2) обид да се зголеми кредибилноста на перспективата за членството на регионот во ЕУ, преку давање на индикативен датум за државите кои се најнапреднати во процесот; и 3) систематизирање на многуте паралелни иницијативи и резултатот од Берлинскиот процес во рамките на процесот на проширување.

Прво, Стратегијата става акцент на тоа дека „цврстата перспектива за членство на Западниот Балкан заснована на заслуги“ е во согласност со политичките, безбедносни и економски интереси на ЕУ и е геостратешка инвестиција. Воедно, политиката на проширување е претставена како дел на поголема стратегија за јанкење на Унијата до 2025 година. Со ова, Комисијата се обидува да влијае на граѓаните на ЕУ и на нивното мислење за проширувањето, што е релативно освежување од досегашната пракса на потенцирање на недостатокот на поддршка за проширувањето во земјите членки на ЕУ.

Второ, преку издвојување на Црна Гора и Србија како земји кои се најнапреднати во преговорите за членство и навестување на потенцијален датум за нивно членство, Комисијата прави обид да ја врати кредибилноста на процесот на проширување.  Сепак, ЕК во неколку наврати наведува дека овие датуми се реалистична перспектива, а не цел сами по себе.

Трето, ЕК истакнува 6 иницијативи за зголемен ангажман со сите земји од регионот, кои во голема мера ги систематизираат мноштвото на паралелни процеси започнати во изминатите неколку години, додека проширувањето на ЕУ беше во втор план.[1] Областите не се изненадување: владеење на правото, безбедност и миграции, социо-економски развој, поврзување, дигитална агенда, помирување и добрососедски односи. Во однос на првата точка, се најавуваат акциски планови за Поглавјаето 23 – правосудство и темелни права и Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност, со цел обезбедување на одржливост на реформите во владеење на правото.

Каде е Република Македонија?

Главно место во Стратегијата помеѓу кандидатите во пристапниот процес се Србија и Црна Гора, за кои е дадена индикативна рамка за пристапување. Сепак, Стратегијата остава место за другите земји да напредуваат на ист или побрз начин. Република Македонија е спомената два пати во целиот документ, во контекст на тоа дека „Комисијата е подготвeна да препорача почеток на преговорите врз основа на исполнети услови” – во ист пакет со Албанија. Она што следува е усвојувањето на пакетот за проширување во април 2018 година. Тоа е нашата шанса да ѝ дадеме на Комисијата аргументи за препорака за отпочнување на преговорите и да ги искористиме предностите на РМ, како што е усогласеноста со европското законодавство. Покрај потенцирањето дека сите идни членки на ЕУ мора да ги решат билатералните спорови, Стратегијата не се осврнува директно на спорот за името. 

Покрај ова, Република Македонија беше индиректно спомната во однос на усогласеноста со надворешната политика на Европската Унија. Могерини потенцираше дека во моментов, само Црна Гора и Албанија се целосно усогласени со Унијата во однос на нивната надворешна политика, пред сè мислејќи на санкциите кон Русија. Со оглед на тоа дека „членството во ЕУ е избор“, Стратегијата потенцира дека земјите кандидати треба да ги штитат заедничките вредности на Унијата во која сакаат да членуваат.

“Загревање” за новата финансиска перспектива?

Со оваа Стратегија, Европската унија не обезбедува повеќе пари за поддршка на регионот, туку врши реалокација на веќе постоечките средства за поддршка на реформските приоритети согласно Стратегијата. Сепак, ЕК најавува дека за да се реализираат перспективите и ветувањата, како и директна поддршка во квалитетот и одржливоста на реформите, ќе биде неопходно да се обезбедат повеќе средства со новата Финансиска перспектива, која ќе го покрива периодот од 2021-2027 година. Поучена од претходните искуства, билатералната помош ќе биде условена со исполнувањето на целите од Стратегијата и добрососедските односи.


[1] Берлинскиот процес со неговата политичка и економска димензија и слични иницијативи, како што беа fundamental first (прво основите), се ставаат во функција на подготовка на државите за членство.