Новости

Приоритети на австриското претседателство со Советот на ЕУ

Приоритети на австриското претседателство со Советот на ЕУ

 

Panoramic picture featuring the Austria Center Vienna (ACV); Austria Center Vienna (ACV)

Како дел од триото формирано со Естонија и Бугарија, Австрија го презема претседателството на Советот на Европската Унија, од 1 јули до 31 декември 2018 година, водени под мотото: “Европа која штити”. Програмата на австриското претседателство дава големо значење на проблемите со миграција и азил; заштита на надворешните граници; борбата против радикализација, тероризам и организиран криминал; дигиталната безбедност; заштита на Европските вредности. Ова претседателство мора да работи на голем број сложени проблеми, како внатрешната и надворешната безбедност, заштитата на надворешните граници, реформата за заедничкиот европски систем за азил, единствениот дигитален пазар, енергетската унија, буџетот за 2019 година, повеќегодишната финансиска рамка по 2020 година, проширување на ЕУ, европското соседство и заклучоците во врска преговорите за Велика Британија и нејзиното потенцијално излегување од Европската Унија. Со помош на оваа програма, австриското претседателство ќе продолжи со темите од својот претходник, Бугарија, но овој пат со мала разлика: безбедност и конкурентност, наместо солидарност и стабилност. Безбедноста, како што било и во времето на бугарското претседателство, се осврнува на борбата против илегалната миграција со зајакнување на надворешните граници; одржувањето на конкурентноста се смета за зголемување на дигитализацијата и промовирање на стабилен однос во соседните држави на Австрија, мислејќи на пристапувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

Во клучните области на безбедност и миграција, австриското претседателство се залага за заеднички мултилатерален пристап од земјите членки на ЕУ, меѓутоа вклучувајќи и други земји вон Унијата. Оваа соработка помеѓу земјите членки на ЕУ би резултирала во борба против тероризмот и радикализацијата (со зајакнување на Мрежата за свест од радикализација на ЕУ), зајакнување на политиките за повратници, пружање помош на оние на кои им е потребна пред влез во ЕУ и обезбедување на соработка и размена на информации помеѓу безбедносните служби и интероперабилноста на релевантните датабази. На институционално ниво, претседателството ќе работи на реформата за Заедничкиот европски систем за азил, зајакнување на Агенцијата за гранична и крајбрежна стража (FRONTEX), подобрувањето на Информативниот систем на Шенген зоната и ревизијата на Шенгенскиот граничен кодекс, со цел да се гарантира ефективна заштита на надворешните граници на ЕУ. Во поглед на сајбер-безбедноста, претседателството го потенцира европскиот пристап за заемна борба против заканите по безбедноста, подобрување на потребните вештини и инструменти на сајбер-безбедноста под Европската безбедносна и одбранбена политика и постојаната структурна соработка за одбрана на основни човекови права. Целта на оваа безбедносна политика, според Курц, е “наместо да постојат расправии за дистрибуирањето на бегалци, фокусот да биде ставен на заштита на надворешните граници”, што треба да го вклучи напорот од страна на сите земји членки, не само оние засегнати од кризата.

Со цел да се зголеми одржливата конкурентност во контекст на глобализација, австриското претседателство се залага за политиката на дигитална трансформација, со оглед на тоа дека значаен дел од порастот во ЕУ се базира на дигиталната економија. Претседателството нагласува неколку цели: извршување и зајакнување на единствениот дигитален маркет; промовирање на вештачката интелигенција; модернизирањето на јавната администрација; комплетирање на банкарската унија на ЕУ и развивање на Сојуз на пазари на капитал; воспоставување на Европски систем за осигурување на депозити и понатамошно намалување на ризик; обновување на индустриската политика; обезбедување на балансирана регулаторна рамка во однос на оданочување на дигиталната економија. Со оглед на тоа што иновациските, малите и средните претпријатија се од огромно значење за создавањето на работни места и порастот, претседателството има за цел да обезбеди меѓуграничен пристап кон маркетот и да воспостави Европски совет за иновации со цел новите технологии да се направат поефикасни преку шеми за финансирање.

За да се одржи врската помеѓу земјите членки и соседните држави со цел да се зајакне стабилноста, австриското претседателство сака да го задржи единството на ЕУ-27 преку олеснување на последниот стадиум на повлекување на Велика Британија од ЕУ, промовирање на едукација и размена на култури за да се “зајакне Европскиот идентитет” преку проекти за соработка и мобилност на наставници и студенти. Со посебен осврт на земјите од Западен Балкан, австриското претседателство ќе продолжи со работата отпочната од бугарското претседатлество и Стратегијата за проширување на Европската Комисија од февруари 2018 во врска со Европскиот интеграциски прогрес на Западниот Балкан/Југоисточните Европски држави, воден од јасни и мерливи критериуми.

Важноста на австриското претседателство во однос на Западен Балкан

Согласно со транзицијата на новото претседателство е отпочнувањето на преговорите помеѓу Европската Унија и Албанија и Македонија во Јуни 2019, под услов да се исполнети низа услови. Потребниот напредок вклучува “понатамошни материјални и одржливи резултати” во однос на реформите во законодавството, безбедносните услуги и јавната администрација, како и совладувањето на корупцијата. Претседателството смета дека ова е стратешки интерес на Европската Унија со цел да инвестира во регионот на Западниот Балкан и земјите од Југоисточна Европа за да се промовира мир, демократија, безбедност и стабилност ширум Европа.

Позитивниот однос кон проширувањето е во согласност со поддршката која ја дава канцеларот Себастијан Курц, со тоа што вели дека Западниот Балкан ќе биде еден од најголемите приоритети за време на австриското претседателство кое отпочна на 1 јули. Претседателот Доналд Таск за време на свеченото отворање на австриското претседателство, рече: “Постои позитивен напредок во зајакнувањето на Европската перспектива кон Западниот Балкан. Несомнено е дека Австрија ќе продолжи во тој поглед”, вклучувајќи го позитивното гледиште на понатамошната интеграција на ЕУ согласно со отпочнувањето на преговорите. На неодамнешниот Самит на ЕУ за Западен Балкан во Софија во мај 2018 година, Европската Унија ја потврди својата “недвосмислена поддршка за Европската перспектива кон Западниот Балкан” и ветување дека “значајно” ќе ја зголеми “поврзаноста на сите димезии: траспортни врски, енергетска безбедност, дигитална економија, бизнис климата и можностите за млади (пр. удвојување на финансиите за програмата Еразмус+ со цел да се овозможат повеќе младински размени во ЕУ).” Самитот докажа дека определбата на Европската Унија да ја зајакне својата поддршка за политичката, економската и социјалната трансформација во регионот, како и да ја зголеми важноста на добриот однос помеѓу соседите, регионалната стабилност и соработката особено во решавањето на билатерални расправи и постигнување спогодба.

За разлика од бугарското претседателство кое ја сместува интеграцијата на Западниот Балкан на врвот на своите приоритети, како што е прикажано при организирањето на Самитот во Софија, австриското претседателство на врвот на агендата ги става проблемот со миграција, котрола врз надворешните граници и внатрешните реформи на ЕУ. Сепак, постојат доволно показатели за важноста која ја карактеризира интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Програмата на австриското претседателство нагласува дека “овој регион и припаѓа на Европа и се докажа дека може да биде сигурен партнер за време на миграциската криза” кога се зборува за економски и безбедносни политики. Дури и апелира до заеднички идентитет преку  признавање на “заемно историско и културолошко наследство”. Базирано на претходниот напредок на ЕУ-интеграцијата, австриското претседателство во својата програма, нагласува дека ќе се фокусира на постигнување конкретен напредок во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан. Ова вклучува, конкретно, имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, и забрзување на досегашните преговори за пристапување на Србија и Црна  Гора, како и промовирање на понатамошни мерки за интеграција кои треба да се преземат од страна на другите земји од Западниот Балкан. Понатаму, претседателството се фокусира на нивото на стабилност во соседните земји на ЕУ и исто така вклучува запознавање на земјите од Западниот Балкан со безбедносните стандарди на ЕУ. Сеопфатниот пристап врз основа на партнерствата за безбедност, миграција и развој ќе биде дискутиран на министерската конференција на “Безбедност и миграција – промовирање на партнерство и издржливост” во септември 2018 година, во Виена. Соработката во областа на оваа политика е пример на поддршката за понатамошна инклузија на Југоисточните Европски земји во мисиите на ЕПБО.

Значењето на австриското претседателство во Македонија

“Годината на надежта”, како што е опишана 2018 година, се карактеризираше со низа позитивни забелешки за земјите од Западен Балкан. Македонија покажа волја и подготвеност за отпочнување на процесот на преговори и евентуален влез во ЕУ и НАТО. Историскиот момент, кој се случи после 27 години непрекината расправа помеѓу Македонија и Грција во врска со името, заврши со согласноста на двете земји за името “Северна Македонија”. Овој чекор го отвори патот за отпочнување на преговорите со ЕУ и приклучувањето во НАТО. Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан и Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини ја искажаа својата поддршка за одлуката, која сметаат дека е од голема важност за кредибилитетот на Европската Унија. Поддршка дадоа и Заменик-генералниот секретар за политички прашања, Роузмери Дикарло. Но, успехот на преговорите и инклузијата на Македонија во НАТО ќе зависи од целосната имплементација на спогодбата, која ја вклучува и ратификацијата на новото има во државата. Грчкиот премиер Ципрас, укажува на важноста на референдумот, кој ќе се случи подоцна во 2018 година и предупредува дека доколку името е одбиено, “поканата за влез во НАТО ќе биде поништена, а процесот за преговори со ЕУ би бил во застој”.

Отпочнувањето и условеноста на преговорите за ЕУ-интеграција се клучни мотиватори за реформи во земјите од Западниот Балкан. Со оглед на тоа дека Македонија никогаш не била толку близу до приклучување во ЕУ, премиерот Зоран Заев ги повика Европските лидери да продолжат со “мотивирање” на Македонија да започне процес на реформи во законодавството, јавната администрација, безбедносните сили и човековите права, бидејќи “мотивацијата од страна на ЕУ е една од движечките сили во земјите од Западен Балкан”.  Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи укажа на тоа дека Република Македонија ќе се фокусира на завршување на “домашната задача” за патот кон ЕУ-интеграција, ќе ги почитува Европските стандарди и вредности за постабилна и просперитетна Европа. Рената Колбер, Амбасадор на Австрија во Македонија, вели дека Австрија ќе биде сојузник на земјите од Западен Балкан во процесот на интеграција, воедно и аплаудира на Македонија за постигнатиот успех во однос на реформите од минатата година, нагласувајќи ја важноста на пријателскиот договор потпишан со Бугарија и решавањето на проблемот со името со Грција. По добивање на зелено светло за преговорите за пристапување кон  ЕУ, скрининг процесот ќе отпочне веднаш со цел да се избегне одложување на формалните разговори за пристапување. Иако дел од земјите членки на ЕУ се скептични кога е во прашање влезот на Македонија и Албанија во семејството на ЕУ, комесарот Хан вели дека “…. се работи за сигурна посветеност на политичките лидери, но исто така и од страна на граѓаните, во поглед на нивната определба за ЕУ-перспективата.”